>@EIB
  • Забрзано финансирање и таргетирана техничка помош за партнерите во 100 држави како дел од пакетот за одговор на Тим Европа
  • Краткорочна поддршка за инвестиции во здравството и компаниите во Африка, источните и јужните соседни држави, Западниот Балкан, Азија и Латинска Америка
  • Зголемена поддршка за компаниите засегнати од пандемијата

Групацијата Европска инвестициска банка, банката на Европската унија, денеска ги соопшти деталите на сеопфатниот одговор на пандемијата на коронавирусот надвор од ЕУ што ќе обезбеди до 5,2 милијарди евра во наредните месеци. Ова финансирање е дел од одговорот на Тим Европа и е поддржано со гаранции од буџетот на ЕУ. Тоа ќе ги зајакне и итните инвестиции во здравството и ќе ја забрза долгорочната поддршка за инвестициите во приватниот сектор што се одраз на потребите за финансирање во повеќе од 100 држави ширум светот.

Оваа директна поддршка по забрзана постапка ќе помогне да се зачуваат работните места и средствата за егзистенција на работниците во секторите што се најзагрозени од економските и социјалните ефекти на коронавирусот, а по потреба ќе ја следи дополнително долгорочно финансирање за здравството и компаниите.

„Пандемијата на Ковид-19 веќе погоди голем број држави и ќе има длабоки економски последици ширум светот. Многу луѓе ќе ги изгубат своите работни места и средствата за егзистенција. Оваа криза ќе ги уништи претприемачките мрежи и ќе ја влоши состојбата со постоечките ризични кредити особено во ранливите држави. Ние треба итно да покажеме дека Европа е тука за нашите партнери кога сме им потребни. Како дел од Тим Европа, банката на ЕУ во следните недели ќе ги идентификува и поддржи новите инвестиции во здравството и компаниите надвор од Европската унија. Ние ќе работиме во партнерство со Европската комисија, државите-членки на ЕУ, финансиските институции за европски развој и другите мултилатерални финансиски институции за да осигураме на јавните и приватните партнери да им се овозможи подобар пристап до финансиите што им се од клучно значење за справување со шокот од пандемијата“, изјави Вернер Хојер, претседателот на Европската инвестициска банка.

Потпретседателот на ЕИБ Дарио Сканапјеко изјави: „Со пандемијата на Ковид-19, светот се соочува со економски предизвик без преседан. Како дел од пошироките напори на Тим Европа за директно справување со кризата, ЕИБ подготви итен пакет за поддршка на МСП и здравствениот сектор од Западен Балкан за да помогне да се зачуваат животите, работните места и платите на луѓето од регионот. Досега невидените размери на кризата повикуваат на сѐевропско единство и солидарност, а ЕИБ со гордост ќе придонесе за одговорот на ЕУ со опиплива поддршка за ублажување на економските последици од Ковид-19 на Западниот Балкан.“

Одговор на итните и среднорочните потреби во 100 држави

Во претходните денови ЕИБ ги контактираше клиентите од јавниот и приватниот сектор во повеќе од 100 држави кадешто работи надвор од Европа за да определи најефективен пристап за зајакнување на подготвеноста на јавното здравство и отпорноста на компаниите, како дел од долгорочната поддршка на ЕИБ за одржлив и инклузивен раст ширум светот.

Овој брз одговор ќе биде прилагоден да ги опфати потребите на конкретните сектори и новите локални предизвици што ќе уследат поради ширењето на коронавирусот. ЕИБ ќе обезбеди и техничка поддршка и ќе сподели секторска стручна помош за да ги зајакне и засили ефектите од новите инвестиции.

Забрзување на поддршката за инвестиции во здравството и компаниите, како и зајакнување на отпорноста на приватниот сектор на економските и социјалните ефекти од коронавирусот.

ЕИБ е подготвена да ги забрза исплатите во износ од околу 1 милијарда евра за постоечките одобрени кредити за да се помогне на здравствениот сектор во државите надвор од ЕУ да се соочи со пандемијата на коронавирусот, како и да осигура деловните активности да добијат пристап до итно финансирање за да се справат со готовинските и ликвидносните предизвици.

Итната поддршка за долгорочните клиенти од светскиот здравствен сектор ќе вклучува поддршка за новите јавни здравствени активности, помагајќи им на клиентите да ги пренасочат постоечките активности заради справување со здравствената криза, како и забрзување на исплатите на одобрените проекти во јавниот и приватниот сектор.

Засилената поддршка за здравствениот сектор ќе ги искористи единственото техничко искуство и финансиската стручност на ЕИБ што се стекнати преку инвестициите во болници, здравство и здравствени иновации вредни над 30 милијарди евра ширум Европа и светот во претходните години.

Брзата идентификација на приоритетни проекти ќе биде дополнително подобрена преку постоечката блиска соработка на ЕИБ со министерствата за здравство и партнерите од здравствениот сектор надвор од Европа.

Одговорот на ЕИБ ќе поддржи и подобар пристап до финансирање за малите и средните претпријатија, вклучувајќи и преку зголемување на постоечките кредитни линии што ги управуваат локалните банки ширум светот.

Итниот одговор ќе се фокусира на поддршка за компаниите од секторите што се најмногу погодени од страна на пандемијата на коронавирусот и кадешто производните капацитети се најизложени.

Ова ќе помогне и да се зајакне клучната улога на локалните банки и финансиски институции, вклучувајќи ги и партнерите за микрофинансирање, чиешто локално знаење ќе биде клучно за осигурување на успешен долгорочен одговор.

Локалните и меѓународните компании, МСП, земјоделците и претприемачите ширум светот ќе имаат користи од одговорот на ЕИБ за приватниот сектор.

Обезбедување владите да можат подобро да одговорат на ефектите од вирусот

Инвестициите во јавниот сектор во државите ширум светот се очекува да бидат значително отежнати и ограничени како резултат од коронавирусот.

ЕИБ ќе соработува со партнерите од јавниот сектор за да го зголеми поволното финансирање што е достапно за инвестиции во здравството и компаниите. Ова ќе вклучува поддршка за јавните услуги што вклучуваат здравство, како и за регионалната трговија и високоранливите сектори како што се туризмот и угостителството.

Финансирањето по забрзана постапка ќе биде достапно за државите кадешто ЕИБ веќе работи. Иницијативата е осмислена на таков начин што финансирањето од страна на ЕИБ ќе може да биде дополнително поддржано и од страна на меѓународни и европски партнери за развојно финансирање.