>@EIB
  • Декларацијата обединува партнери за да ѝ помогне на земјата да мобилизира инвестиции, поддршка на политиките и техничка помош за да се забрза енергетската транзиција и да се исполнат нејзините цели за климата и развојот
  • ЕИБ Глобално ќе помогне да се забрза нејзината имплементација преку засилена техничка поддршка и финансирање
  • Во 2023 година, банката инвестираше над 100 милиони евра за поддршка на зелени проекти во Северна Македонија, истовремено иницирајќи нова техничка помош за одржливи финансии

На климатската конференција COP28, ЕИБ Глобално, филијалата на Европската инвестициска банка за активности надвор од Европската Унија, потпиша Заедничка декларација за Инвестициската платформа за праведна транзиција за Северна Македонија. Иницирана од Владата на Северна Македонија, а со техничка поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Платформата има за цел да помогне во мобилизирање до 3 милијарди евра инвестиции, како и политичка и техничка помош за да се забрза енергетската транзиција на земјата и распоредувањето на новиот капацитет за обновлива енергија од 1,7 GW до 2030 година со придружна мрежа и инфраструктура за складирање. Пакетот за поддршка има намера да обезбеди позитивни резултати од зелената транзиција, притоа штитејќи ги работните места и егзистенцијата на погодените заедници.

Потпретседателот на ЕИБ, Томас Естрос, рече: „Го поздравуваме почетокот на работата на оваа платформа која е целосно во согласност со Патоказот на климатската банка на ЕИБ и нашата амбиција да поддржиме праведна транзиција и праведна отпорност надвор од ЕУ. Како членка на иницијативата на Европската комисија за Региони на јаглен во транзиција за Западен Балкан и Украина, Северна Македонија може да има корист од техничка поддршка за подготовка на стратегии и програми кои овозможуваат одржлива транзиција од јаглен. Сега, исто така, благодарение на проширените локални тимови на ЕИБ Глобално во Западен Балкан, планираме да придонесеме во имплементацијата на Платформата и да и помогнеме на Северна Македонија да ги постигне своите амбициозни климатски цели.“

Декларацијата ја потпишаа македонскиот министер за економија Крешник Бектеши, претседателот на ЕБОР Одил Рено-Басо, потпретседателот на ЕИБ Томас Естрос, како и претставниците на фондовите за климатски инвестиции, Cassa Depositi e Prestiti, на развојната банка на Советот на Европа и на KfW.

Претседателот на ЕБОР, Одил Рено-Басо, изјави: „Многу сме горди што сме партнер на Северна Македонија во оваа иновативна платформа предводена од земјата, која ги спојува владината посветеност, меѓународната поддршка и приватните финансии за да се забрза праведната енергетска транзиција. Сметаме дека ова е модел за тоа како може да се зголеми финансирањето поврзано со климата, во Северна Македонија, на Западен Балкан и пошироко и со нетрпение очекуваме блиска соработка со владата за да го поддржиме остварувањето на овие високи амбиции.“

Како еден од партнерите на декларацијата, ЕИБ Глобално има намера да ја поддржи Северна Македонија во постигнување брза и праведна трансформација на нејзиниот енергетски сектор, истовремено обезбедувајќи енергетска безбедност. Банката значително го интензивираше својот ангажман со владата, јавните комунални претпријатија и приватниот сектор со цел да генерира нови проекти кои ќе користат обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и надградба на енергетската инфраструктура. Овие напори резултираа со повеќе од 100 милиони евра зелени инвестиции потпишани за Северна Македонија во 2023 година и започната нова техничка помош за одржливи проекти.

Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, изјави: „Нашата посветеност на праведна транзиција ја истакнува нашата посветеност на принципите од Парискиот договор и претставува значителен напредок кон поодржлива, покомпетитивна и поправедна иднина. Направивме значителен напредок во последната година во поглед на преземање неопходни чекори кон процесот на транзиција, присвојувајќи го Патоказот за праведна транзиција. Среќни сме што го гледаме меѓународното признание за нашите амбиции и дејства и мило ни е што станавме првата земја во Европа и една од двете први мали земји кои се придружија кон програмата ACT.

Основни информации

ЕИБ на COP28

Најдете преглед на активностите на ЕИБ на COP28 на нашата веб-страница. ЕИБ има павилјон во областа на споредните настани на сината зона и одржува серија настани на бројни теми. Целосната агенда ќе ја најдете тука. Добредојдени сте да се придружите за да ги гледате сесиите во живо или подоцна, кога ќе ви одговара. Дополнително, ЕИБ дели павилјон со групата мултилатерални развојни банки. Целосната агенда ќе ја најдете тука.

За ЕИБ

  • Во 2019 година, беше усвоена политиката на ЕИБ за заеми за енергија за да се прекине финансирањето на сите проекти за енергија од фосилни горива, вклучително и природниот гас. Таа е првата мултилатерална развојна банка што го стори тоа.
  • Во 2021 година, ЕИБ стана првата мултилатерална развојна банка која ги усогласи нашите финансиски активности со Парискиот договор.
  • Со својот Патоказ на климатската банка, Групацијата ЕИБ има за цел да поддржи 1 трилион евра инвестиции во климатските активности и одржливоста на животната средина во текот на критичната деценија, 2021 – 2030 година.
  • ЕИБ се обврза да ги зголеми инвестициите во климатските активности и одржливоста на животната средина на повеќе од 50 % од годишните заеми на ЕИБ до 2025 година – минатата година тоа беше надминато со 58 %.

ЕИБ Глобално е специјализиран огранок на Групацијата ЕИБ посветен на операции надвор од Европската Унија и клучен партнер за стратегијата на ЕУ за Глобалната порта. Нашата цел е да поддржиме инвестиции од најмалку 100 милијарди евра до крајот на 2027 година, што е околу една третина од вкупната цел на Глобалната порта. Во рамките на Тим Европа, ЕИБ Глобално негува силни, фокусирани партнерства заедно со другите развојни финансиски институции и граѓанското општество. ЕИБ Глобално ја доближува Групацијата ЕИБ до локалните заедници, компаниите и институциите преку нашите канцеларии ширум светот.

За ЕИБ во Северна Македонија

ЕИБ е активна на територијата на Северна Македонија од основањето во 1991 година, обезбедувајќи финансии за поддршка на клучните инфраструктурни проекти, локалните власти, како и малите бизниси. ЕИБ обезбеди 1,3 милијарди евра за финансирање на мали бизниси и проекти за транспорт, енергетика и комунална инфраструктура. Таа ја става на располагање својата техничка и финансиска експертиза на своите локални партнери преку приспособени совети и техничка помош. За повеќе информации во врска со проектите на ЕИБ во Северна Македонија, одете на Северна Македонија и ЕИБ.

За ЕИБ на Западен Балкан

ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери во Западен Балкан.