• Банката на ЕУ ќе инвестира 65 милиони евра за поддршка на малите и средните претпријатија на Западен Балкан за да ги зачуваат работните места и да се подготват за рестартирање.
  • Заемот е даден на банките на ПроКредит во Србија, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина за да се одржи закрепнувањето и развојот на приватниот сектор на Западен Балкан и покрај пандемијата.
  • До денес, ЕИБ инвестираше 4,1 милијарди евра во секторот на МСП на Западен Балкан, одржувајќи повеќе од половина милион работни места.

Европската инвестициона банка (ЕИБ) и групацијата ПроКредит се договорија за нова кредитна линија од 65 милиони евра за поддршка на малите и средни претпријатија (МСП) на Западен Балкан и за забрзување на нивното закрепнување од кризата со КОВИД-19. Оваа трансакција го обезбедува неопходното финансирање за компаниите во Србија, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина и ги опфаќа нивните потреби за обртни средства, ликвидност и инвестиции во услови на тековната пандемија. Паралелно, операцијата го зајакнува регионалниот банкарски сектор и ја зајакнува неговата способност да го финансира економското закрепнување на Западен Балкан.

Заемот на ЕИБ ќе помогне во ублажувањето на економскиот шок предизвикан од пандемијата со КОВИД-19, поддршката на компаниите, задржувањето на работните места и во одржувањето на малите бизниси низ целиот регион. Кредитната линија е дел од пакетот на Европската комисија за финансиска поддршка од 3,3 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1,7 милијарди евра од ЕИБ се наменети за поддршка на одржливо социјално и економско закрепнување во регионот. Кредитите на ЕИБ кон приватниот сектор ги следат напорите на Тим Европа за поддршка на Западен Балкан.

Лилјана Павлова, потпретседателката на ЕИБ, одговорна за Западен Балкан, изјави: „Влијанието на КОВИД-19 се очекува да биде особено сурово врз МСП, коишто претставуваат околу 73 % од вкупните вработувања на Западен Балкан. Оваа операција доаѓа во вистинско време да му помогне на регионот да ја намали економската рецесија, да обезбеди вработувања и да го поттикне растот. Како и претходно, ЕИБ уште еднаш ја изрази својата цврста поддршка за унапредување на развојот на приватниот сектор кон приближување на стандардите на ЕУ и создавање силен заеднички регионален пазар со зголемена конкурентност и можности за работа. Среќни сме што имаме толку доверливи партнери во регионот, како што е ПроКредит Банка. “

Менаџментот на ProCredit Holding AG & Co. KGaA, матичната компанија на групацијата ПроКредит, изјави:

„Благодарение на добро воспоставените односи со нашите клиенти и партнери, како што е ЕИБ, успеавме да обезбедиме ефикасна поддршка на бројни МСП во овие бурни месеци. Оваа кредитна линија на ЕИБ ќе им помогне на МСП на Западен Балкан да го надминат краткорочниот недостиг на ликвидност и ќе обезбеди поддршка за нивните инвестициски проекти, истовремено овозможувајќи им нови деловни активности и можности.

Очекуваме дека економското закрепнување во следните години ќе биде стимулирано со структурно поместување кон инвестиции што се климатски погодни, како и социјално и еколошки одржливи“.

Кредитната линија ќе им биде достапна на малите и средните претпријатија во подружниците на ПроКредит во Србија, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина. До денес, ЕИБ инвестираше 4,1 милијарди евра во МСП на Западен Балкан, што помогна во одржување на над половина милион работни места во регионот.

Белешка до уредниците:

За ЕИБ:

Европската инвестициона банка (ЕИБ) е институција за долгорочно кредитирање на Европската Унија во сопственост на нејзините земји-членки. Таа овозможува долгорочно финансирање за стабилни инвестиции со цел да се придонесе кон целите на политиките на ЕУ.

За ЕИБ на Западен Балкан:

ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери на Западен Балкан. Од 2009 година, банката има финансирано проекти во вкупна вредност од преку 8 милијарди евра во регионот.

За детални информации за активностите на ЕИБ на Западен Балкан, посетете ја следнава веб-страница: www.eib.org/en/publications/the-eib-in-the-western-balkans

Климатски активности на ЕИБ

Европската инвестициона банка е активна во околу 160 земји и е најголемиот мултилатерален заемодавец на светот за проекти со климатски активности. Групацијата ЕИБ неодамна го усвои својот Патоказ на климатската банка за да ја испорача својата амбициозна агенда за поддршка на инвестиции во вредност од 1 трилион евра во климатските активности и одржливоста на животната средина во деценијата до 2030 година и да обезбеди повеќе од 50 % од финансиите на ЕИБ за климатските активности и одржливоста на животната средина до 2025 година. Исто така, како дел од Патоказот, од почетокот на 2021 година, сите нови активности на Групацијата ЕИБ ќе бидат усогласени со целите и принципите на Парискиот договор.

За ProCredit Holding AG & Co. KGaA

ProCredit Holding AG & Co. KGaA, со седиште во Франкфурт на Мајна, Германија, е матична компанија на развојно-ориентираната групација ПроКредит, која се состои од комерцијални банки за мали и средни претпријатија (МСП). Покрај оперативниот фокус на Југоисточна и Источна Европа, групацијата ПроКредит е активна и во Јужна Америка и Германија. Акциите на компанијата се тргуваат во сегментот Prime Standard на Франкфуртската берза. Основните акционери на ProCredit Holding AG & Co. KGaA ги опфаќаат стратешките инвеститори Zeitinger Invest и ProCredit Staff Invest (инвестициско средство за вработените во ПроКредит), холандската DOEN Participaties BV, KfW Development Bank и IFC (дел од Групацијата на Светска банка). Како суперординирана компанија на групацијата според германскиот банкарски акт, ProCredit Holding AG & Co. KGaA се надгледува на консолидирано ниво од страна на германскиот Сојузен орган за надзор на финансиите (Bundesanstalt für Finanzdienstleistungsaufsicht, BaFin) и германската Бундесбанка. За дополнителни информации, посетете ја страницата: www.procredit-holding.com.

За Тим Европа и реакциите на КОВИД-19 во Западен Балкан:

Како дел од стратегијата на #TeamEurope, глобалната реакција на ЕУ на КОВИД-19, групацијата ЕИБ брзо мобилизираше 5,2 милијарди евра надвор од ЕУ, забрзувајќи ги финансирањето и таргетираната техничка помош. За земјите од Западен Балкан, ЕИБ подготви пакет за итна поддршка од 1,7 милијарди евра, примарно за малите и средните претпријатија и здравствениот сектор. Вкупниот пакет за финансиска поддршка од ЕУ за Западен Балкан изнесува повеќе од 3,3 милијарди евра. За повеќе информации: www.eib.org/en/press/all/2020-111-eib-group-to-contribute-eur1-7-billion-to-the-eu-s-covid-19-response-package-for-the-western-balkans