• Досега, ЕИБ инвестираше над 5 милијарди евра во транспортниот сектор на Западен Балкан, поддржувајќи ги регионалната соработка и поврзаност
  • Банката на ЕУ се обврза и ја исполни својата обврска од 1,7 милијарди евра во рамките на одговорот на Тимот Европа за кризата со КОВИД-19
  • Во текот на првите седум месеци од 2021 година, ЕИБ веќе ја зголеми поддршката за регионот, со инвестирање на близу 600 милиони евра во витална инфраструктура и проекти на МСП

Вернер Хојер, претседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ), банка на Европската унија, зборуваше на Самитот за Западен Балкан во Берлин на 5. јули и ги потврди цврстата посветеност на ЕИБ кон Западниот Балкан и подготвеноста да се интензивира поддршката за премин кон поеколошки, подигитален и поинклузивен економски раст.

Берлинскиот процес го олесни развојот на партнерство меѓу земјите-членки на ЕУ и вклучените партнери од Западен Балкан - помагајќи да се унапреди Агендата за поврзување во регионот. Исто така, создаде политички консензус ширум регионот и привлече поддршка од ЕУ за стратешките активности на Зелената агенда, дигиталната трансформација и Заедничкиот регионален пазар.

Претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер, рече: „Одлично е да ви се придружам, да прославиме за Берлинскиот процес којшто ги зближи регионот и неговите жители и нив ги доближи до ЕУ. Финансирањето поврзано со овој процес беше за восхит. Оваа соработка остана несмалена во вакво време на нужда:  Иницијативата Тим Европа – чијшто главен финансиер е ЕИБ - ги истакнува посветеноста и солидарноста на ЕУ со регионот“.

Поддршка од повеќе милијарди евра за Западен Балкан

Од 2009 година, ЕИБ посвети речиси 10 милијарди евра во Западен Балкан во сите клучни економски сектори, поддржувајќи ги виталните инфраструктурни проекти и развојот на приватниот сектор. Како активен партнер во Берлинскиот процес од самиот почеток, ЕИБ ќе продолжи да ги поддржува стратешките приоритети и да обезбедува финансиска и техничка експертиза за стратешките инфраструктурни проекти во регионот и неопходните законски реформи.

ЕИБ останува целосно посветена на социоекономскиот развој на регионот и продолжува со својата практична поддршка за процесот на пристапување. Досега, ЕИБ инвестираше над 5 милијарди евра во транспортниот сектор на Западен Балкан, поддржувајќи ги регионалната соработка и поврзаност

Витална поддршка за побрзо обновување од КОВИД-19 на Западен Балкан

Банката на ЕУ исто така беше во првите редови на поддршка од ЕУ за побрзо закрепнување од КОВИД-19 на економиите од Западен Балкан, исполнувајќи ја својата обврска од 1,7 милијарди евра објавена во рамките на иницијативата Тим Европа во мај 2020 година. Оваа поддршка на ЕИБ му помогна на регионот да олесни некои од непосредните последици од пандемијата, да закрепне побрзо и да ги зајакне клучните сектори на економиите — инфраструктурата и малите и средни претпријатија (МСП). Само во 2021 година, Банката ја зголеми финансиската поддршка на Западен Балкан со инвестирање близу 600 милиони евра во проекти во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, и Косово**.

Економски и инвестициски план - солидна основа за отклучување до 20 милијарди евра за нови можности за одржливо инвестирање

Банката на ЕУ однапред се радува на соработката со Европската комисија, колегите финансиери и партнерите од Западен Балкан во врска со економскиот и инвестицискиот план на Комисијата вреден 9 милијарди евра за регионот.

“ЕИБ е мостот на којшто се состануваат политиките на ЕУ и издржаните проекти. Изразуваме непопустлива поддршка за посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан, како и за ставот дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ“, заклучи претседателот Хојер.

Со Европската комисија и нашите партнери финансиери, како што е Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Банката планира да го забрза спроведувањето на проектите на терен, осигурувајќи дека инвестициите даваат конкретни резултати за граѓаните и деловните субјекти во регионот и придонесуваат за забрзување на конвергенцијата и пристапувањето. ЕИБ исто така го коорганизира Самитот за железници на Европската комисија што ќе се одржи во септември во соработка со Транспортната заедница и ЕБОР по повод Европската година на железницата. Самитот ќе создаде платформа за дискусија во врска со прашањата на политиката и проектите во железницата, наведени во Економскиот и инвестициски план за регионот и Стратегијата за одржлива и паметна мобилност.

Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ активно ќе го поддржи преминот кон поеколошки, подигитален и поодржлив економски модел, како во однос на инфраструктурата, така и во развојот на приватниот сектор. Покрај инвестициите поврзани со поврзаноста и развојот на МСП, Банката исто така ќе ја интензивира поддршката за здравството, образованието, животната средина и развојот на општините и ќе ја зајакне социјалната вклученост преку иновативни инструменти за финансирање и зголемена техничка помош.

За ЕИБ на Западен Балкан

ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери на Западен Балкан. Од 2009 година, Банката има финансирано проекти во вкупна вредност од 10 милијарди евра во регионот. Покрај продолжувањето на поддршката за реконструкција и надградба на јавната инфраструктура, од 2010 година, ЕИБ се прошири во многу нови области, како што се здравството, истражувањето и развојот, образованието и МСП. За детални информации за активностите на ЕИБ на Западен Балкан, посетете ја следнава веб-локација: www.eib.org/en/publications/the-eib-in-the-western-balkans


* Оваа назнака нема да биде на штета на позициите за статусот и е во согласност со резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 1244 и Мислењето на Меѓународниот суд на правдата за прогласувањето независност на Косово