Водоводниот систем во главниот град на Северна Македонија добива помош, што покажува дека развојот оди рака под рака со интеграцијата во ЕУ

Градовите треба постојано да се развиваат за да се справат со брзо растечкото урбано население, климатските промени и оскудните ресурси. Скопје, главниот град на Северна Македонија, презема решителни чекори за да се моделира себеси како зелена, функционална и современа европска метропола.

Тоа е една од причините зад големиот притисок за заштита на животната средина во градот преку изградба на пречистителна станица за отпадни води што ќе донесе санитарни услуги за повеќе од половина милион луѓе и ќе го намали загадувањето на Вардар, најдолгата река во Северна Македонија.

За поддршка на овој проект, Европската Унија неодамна обезбеди грант од 70 милиони евра, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, најголем досега мобилизиран од меѓународната финансиска институција за земјата во секторот за води.

„Република Северна Македонија ги започна преговорите со Европската Унија и ги зголемува активностите што придонесуваат кон остварување на оваа цел“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими на церемонијата на потпишување на грантот. „Реформите насочени кон носење на Европа дома и имплементирање на европските стандарди во секојдневниот живот се забрзуваат. Исто така, спроведуваме големи инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за севкупниот развој и раст на економијата.“

Потпишувањето на ЕИБ Глобално и владата на Северна Македонија се одржа во Скопје на Светскиот ден на водата (22 март) и истовремено со првата конференција на ОН за вода по половина век.

„Луѓето во Скопје конечно ќе добијат пречистителна станица за отпадни води, која е од витално значење за животната средина“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. „Ова потврдува дека европската интеграција е најдобрата формула за натамошен развој на земјата и дека членството во ЕУ не значи само исполнување на критериумите и почитување на законската регулатива, туку и конкретна помош за земјата и нејзините граѓани“.

Нова станица што ќе донесе 90 % прочистена вода

Грантот од ЕУ значително ќе ја забрза подготовката и спроведувањето на проектот, што ќе доведе до прочистување на 90 % од водата во земјата. Проектот е дел од Економскиот и инвестициски план на ЕУ и стратегијата на Глобалната порта, како и Зелената агенда за Западен Балкан.

„Патот кон Европската Унија е процес на трансформација, на подобрување на животот и животниот стандард“, рече Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Северна Македонија. „Постројката ќе може безбедно да ги третира и исчисти отпадните води што ги создава речиси една третина од населението во земјата. Тоа ќе придонесе за позелена европска иднина на оваа земја.“

Во својата подготвителна фаза, проектот веќе доби грантови за техничка помош од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развојИнвестициската рамка за Западен Балкан и француската влада, што е доказ за посветеноста на Тимот Европа кон Северна Македонија. Помошта има за цел да одговори на ограничувањата на капацитетот кај локалните партнери и да ја зголеми нивната способност за планирање, работење и одржување инвестициски проекти.

Зголемен пристап до вода за пиење и санитарни услуги

Изградбата на пречистителната станица во Скопје е поддржана со заем од 68 милиони евра од ЕИБ потпишан во 2019 година.

На Западен Балкан, Европската инвестициска банка досега обезбеди близу 750 милиони евра за водоводна и канализациона инфраструктура, подобрувајќи го пристапот до вода за пиење и санитарни услуги. Банката на ЕУ помогна во изградбата на основните системи за дистрибуција на вода и капацитети за отпадни води, како и инфраструктура за заштита од поплави.

„Исклучително сме горди што можеме да дадеме ваков тип поддршка за Северна Македонија во време на продолжена криза и длабоки предизвици“, рече Лилјана Павлова, потпретседател на Европската инвестициска банка одговорна за регионот.

Ова е втора инвестиција на ЕИБ Глобално во овој сектор за помалку од пет месеци, по заемот од 50 милиони евра потпишан во ноември 2022 година за изградба и рехабилитација на инфраструктурата за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води, како и итни мерки за заштита од поплави за 80 општини низ Северна Македонија.

Како климатска банка на ЕУ, Европската инвестициска банка секоја година финансира 3 милијарди евра во водна инфраструктура, со фокус на безбедноста на водата и адаптирањето кон климатските промени. Околу 30 % од проектите за вода на банката се надвор од Европската Унија, често во некои од најсиромашните и најпогодените земји во светот од суша. Во 2022 година, инвестиравме околу 2,17 милијарди евра во секторот, што ги подобри санитарните услови за 10,8 милиони луѓе и овозможи подобар пристап до безбедна вода за пиење за 25,4 милиони луѓе.

Придобивки за јавното здравје и зголемена отпорност на климата

Инвестициите во нови или надградени пречистителни станици имаат значителен потенцијал за борба против климатските промени со намалување на емисиите на стакленичките гасови преку подобар третман на отпадните води и преработка на тињата. Собирањето на отпадните води и нивниот третман е исто така основно средство за борба против болестите што предизвикуваат дијареја.

Подобрата инфраструктура за собирање и третман на отпадните води ги намалува емисиите на стакленички гасови од нетретирана или лошо третирана отпадна вода, како и намалување на потрошувачката на енергија или воведување обновлива енергија. Исто така, ја зајакнува адаптацијата кон климатските промени со користење помалку природни ресурси. Ова е значајно за земјите засегнати со проблеми поврзани со водата, како Северна Македонија.