>@EIB
  • ЕИБ е подготвена да ја интензивира својата поддршка за регионот во справувањето со енергетските предизвици
  • Потпретседателката на ЕИБ Павлова го поздрави новиот енергетски пакет на Европската комисија за справување со краткорочните и среднорочните предизвици на Западен Балкан
  • Во 2022 година, банката на ЕУ ја зголеми техничката поддршка за да иницира осум проекти за енергетска ефикасност во регионот

За време на Самитот за Западен Балкан на Берлинскиот процес во 2022 година, Лилјана Павлова, потпретседателка на Европската инвестициска банка (ЕИБ), ја потврди поддршката на банката на ЕУ за зелената транзиција и енергетската безбедност на регионот. Под својата нова посветена структура ЕИБ Глобално, банката ја зголемува финансиската и техничката поддршка за да му помогне на регионот да напредува со Зелената агенда, да изврши диверзификација на својата енергетска мешавина и да ја зголеми отпорноста на климатските промени. Осврнувајќи се на енергетскиот пакет за Западен Балкан што неодамна го објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, потпретседателката Павлова го истакна ова како јасен доказ за солидарноста на ЕУ со регионот.

„ЕИБ, како банка на ЕУ, исто така ќе ве придружува на секој чекор од ова патување. Во средиштето на овие напори ќе ги ставиме нашата сеопфатна мешавина на заеми, комбинирањето на средства и советодавните услуги.  Како и секогаш, ќе го направиме ова заедно со партнерите како што се ЕК, ЕБОР и Германската развојна банка (KfW), како дел од поголемиот пристап на Тим Европа за спроведување на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ.“ – изјави таа.

Во тесна соработка со Европската комисија и другите партнери на Тим Европа, ЕИБ Глобално активно работи на развој на голем број инвестиции во обновлива енергија во регионот, какви што се паркот со ветерници во Влашиќ и соларната централа во Обилиќ. Во исто време, банката развива иновативен финансиски инструмент за регионот за поттикнување на почиста енергија, климатска адаптација и зелен технолошки развој, како и за стимулирање на инвестициите на приватниот сектор во зелената и дигиталната транзиција.

„Конкретно, ќе работиме со вас на обновливата енергија, за да го искористиме значителниот потенцијал за ветерна и соларна енергија во регионот.  Ќе ви помогнеме да остварите поефективни инвестиции во електричните мрежи и инфраструктурата за складирање, a може да сметате на ЕИБ да се погрижи дека енергетската ефикасност е составен дел од сите наши инвестиции во транспортот, урбаниот развој, домувањето, управувањето со отпад или развојот на приватниот сектор.“ – подвлече потпретседателката Павлова.

Во 2022 година, ЕИБ Глобално обезбеди осум технички грантови во износ од над 8 милиони евра за енергетски ефикасни проекти во рамките на нејзината Иницијатива за јакнење на отпорноста на економијата, вклучително и проектот за социјални станови во Тирана и системот за централно греење во Приштина. Банката на ЕУ ќе продолжи да ја зајакнува енергетската безбедност, регионалната соработка и поврзаноста кои се во суштината на Берлинскиот процес и дел од заложбите што ги поддржаа лидерите од Западен Балкан на самитот.

„Брзината и прецизноста со која ќе ги имплементирате договорите што ги постигнавте на овој самит денес за енергијата и зелена транзицијата, како и за поголемата мобилност за подобрување на вашиот заеднички регионален пазар, ќе одреди колку брзо може да се остварат придобивки за вашите граѓани.“ – заклучи потпретседателката на ЕИБ.

Од 2009 година, ЕИБ инвестираше 9,5 милијарди евра во Западен Балкан, придонесувајќи за развојот на виталната инфраструктура, растот на приватниот сектор, како и побезбедна и разновидна енергетска мрежа.

Основни информации

За ЕИБ:

Европската инвестициска банка (ЕИБ) е институција за долгорочно кредитирање на Европската Унија во сопственост на нејзините земји-членки. Таа овозможува долгорочно финансирање за здрави инвестиции со цел да се придонесе кон целите на политиките на ЕУ.

За ЕИБ Глобално:

ЕИБ Глобално е новиот специјализиран огранок на групацијата ЕИБ посветен на зголемување на влијанието на меѓународните партнерства и развојните финансии. ЕИБ Глобално е дизајниран да поттикне силно, фокусирано партнерство во Тим Европа, заедно со другите развојни финансиски институции и граѓанското општество. ЕИБ Глобално ја доближува групацијата до локалните луѓе, компаниите и институциите преку нашите канцеларии ширум светот

За ЕИБ на Западниот Балкан

ЕИБ е водечки меѓународен финансиер на Западен Балкан. Од 2009 година, банката има финансирано проекти во вкупна вредност од преку 9,5 милијарди евра во регионот. Покрај продолжувањето на поддршката за реконструкција и надградба на јавната инфраструктура, од 2010 година, ЕИБ се прошири во многу нови области, како што се здравството, истражувањето и развојот, образованието и малите и средни претпријатија (МСП). За детални информации за активностите на ЕИБ во Западен Балкан, посетете ја следнава веб-страница: www.eib.org/en/publications/the-eib-in-the-western-balkans