Search EN menu en EIB GROUP CLIENT PORTAL
Search
Results
Top 5 search results See all results Advanced search
Top searches
Most visited pages
EIB
  • Групацијата ЕИБ инвестираше 822 милиони евра во заеми, гаранции и грантови за нови проекти, мобилизирајќи речиси 1,5 милијарди во нови инвестиции.
  • Финансирањето ќе поддржи проекти во транспортот, здравството, образованието и енергетиката, како и мали и средни претпријатија (МСП), придонесувајќи за побезбедни патишта и железници, поголема енергетска безбедност, подобрени медицински услуги и бизниси и инфраструктура поотпорни на климатски промени.

Групацијата на Европската инвестициска банка продолжи да игра клучна улога во унапредувањето на пазарната интеграција, поврзаноста и зелената транзиција на Западен Балкан. Во 2025 година, Групацијата на ЕИБ издвои 822 милиони евра за поддршка на одржлива поврзаност и климатски акции, во согласност со напорите за пристапување кон ЕУ на регионот. Од овој износ, 664 милиони евра беа обезбедени во форма на заеми и гаранции, заедно со 6,5 милиони евра во инвестициски грантови во рамките на Иницијативата за јакнење на отпорноста на економијата на ЕИБ. Покрај тоа, 151,1 милион евра во грантови од ЕУ беа потпишани преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), со што се потврдува централната улога на Тимот Европа во мобилизирањето значителни ресурси за поддршка на економскиот раст и конвергенцијата во регионот.

За одржливиот транспорт се одвоија 58 % од вкупните инвестиции, по што следуваат здравството (20 %), обновливата енергија (13 %) и поддршката за образовниот сектор (4 %). Севкупно, се очекува финансирањето да мобилизира речиси 1,5 милијарди евра нови инвестиции. Педесет и осум проценти од поддршката на Групацијата ЕИБ директно ќе придонесе за климатските активности и еколошката одржливост, во согласност со амбицијата на банката да поддржи најмалку 1 трилион евра зелени инвестиции до 2030 година низ целиот свет. Минатата година беа одобрени 1,4 милијарди евра за нови проекти во целиот регион, а беа исплатени 610 милиони евра.

„Во 2025 година, видовме значителен напредок во пристапувањето кон ЕУ и интеграцијата на пазарот во рамките на Планот за раст на Европската Унија. Нашите инвестиции одат рака под рака со овие напори преку подобрување на транспортната поврзаност, зајакнување на енергетската безбедност преку декарбонизација и диверзификација, развивање вештини и поддршка на отпорноста на климатски промени. Исто така, отворивме ново претставништво во Црна Гора, зајакнувајќи ја нашата тесна поддршка за патот на пристапување на земјата. Исто така, во наредната година, сме подготвени да ја интензивираме нашата поддршка, вклучително и за прекугранични проекти“, речепотпретседателот на ЕИБ, Роберт де Грот.

ЕИБ ја зајакна својата улога како еден од водечките финансиери на одржлива транспортна инфраструктура во Западен Балкан. Во рамките на пристапот како Тим Европа, банката обезбеди големи финансиски пакети за стратешки надградби на железницата, вклучувајќи 90,5 милиони евра за линијата Драч-Рогожина во Албанија, 134 милиони евра за рутата Ниш-Димитровград во Србија и 175 милиони евра за делницата Бар-Голубовци во Црна Гора. Како дел од проширената основна мрежа TEN‑T овие проекти ќе имаат корист од грантови во износ од 207 милиони евра од ЕУ преку WBIF. Покрај тоа, заем од ЕИБ од 150 милиони евра ќе ја поддржи модернизацијата на 540 км регионални патишта во Србија, подобрувајќи ја безбедноста и зголемувајќи ја отпорноста на транспортната инфраструктура на климатски промени. Поддршката за Коридорот Vc во Босна и Херцеговина продолжи, додека надградбите на водните патишта во внатрешноста на Србија, поддржани од ЕИБ, ја подобруваат пловноста по Дунав, олеснувајќи ги трговските текови и зајакнувајќи ја регионалната интеграција.

Енергетска безбедност и диверзификација како приоритет

Зајакнувањето на енергетската безбедност и диверзификацијата остана приоритет во 2025 година. ЕИБ потпиша заем од 103 милиони евра за ветерната фарма Поклечани од 132 MW во Босна и Херцеговина. Откако ќе стапи во функција, проектот ќе генерира 437 GWh електрична енергија годишно, доволно за снабдување на околу 72.700 домаќинства и намалување на емисиите на CO₂ за 446.900 тони годишно. Поддржана од грантови и техничка помош од ЕУ, оваа ветерна фарма Поклечани ги надополнува другите проекти финансирани од ЕИБ во регионот, вклучувајќи ја ветерната фарма Влашиќ, соларна електрана во близина на Приштина, и проектите за рехабилитација на хидроенергија во Србија, како и претстојните инвестиции во проширување на електричната мрежа во Србија и Босна и Херцеговина. Заедно, овие иницијативи ќе го зајакнат енергетскиот капацитет на регионот, ќе ја зголемат ефикасноста на системот и ќе ја подобрат долгорочната енергетска безбедност.

„Го поздравуваме силниот моментум во декарбонизацијата на енергетскиот сектор и надградбите на инфраструктурата низ целиот регион, што ја зајакнува енергетската безбедност, ја диверзифицира понудата и ја продлабочува интеграцијата на пазарот. За да ја забрзаме зелената транзиција, започнавме и неколку иницијативи поврзани со климата за да им помогнеме на регионалните економии, а особено на компаниите, да се декарбонизираат, адаптираат на климатските промени и да останат конкурентни“, рече потпретседателот Де Грут.

Поттикнување зелени иновации меѓу регионалните мали и средни претпријатија

Компаниите во регионот ги засилуваат напорите за намалување на емисиите, поддржани од зелените кредитни линии на ЕИБ. Само во Северна Македонија, повеќе од 50 компании додадоа 105 MW капацитет за обновлива енергија. Во Србија, иницијативата ЕУ за зелена агенда воведе иновативен модел на финансирање кој комбинира донаторски грантови со кредити со ниска каматна стапка. Имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со ЕИБ, иницијативата поддржа 94 зелени иновации во вредност од 52 милиони евра од 2022 година. Во 2025 година, ЕИБ, исто така, го лансираше Инструментот за иновации и зелена трансформација, обезбедувајќи 187 милиони евра во кредити и грантови од ЕУ за поддршка на инвестициите на мали и средни претпријатија во дигитализација, одржливо земјоделство и технологии отпорни на климатски промени.

За да промовира инклузивно вработување, банката ја прошири својата наградуванакредитна линија за стимулации за влијание со партнери во Србија и Босна и Херцеговина, насочена кон компании кои вработуваат жени, млади луѓе и лица со попреченост. Во рамките на иницијативата на ЕУ за гаранција за отпорност на мали и средни претпријатија, Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) потпиша гаранции од 7,9 милиони евра во 2025 година, за кои се очекува да мобилизираат 105 милиони евра за финансирање мали и средни претпријатија, да поддржат околу 375 проекти и да одржат 5.750 работни места.

Унапредување на вештините, здравствената заштита и јавната хигиена

Како што Западниот Балкан напредува на својот пат кон ЕУ, модернизацијата на општествената инфраструктура останува клучна за подобрување на животниот стандард. Во 2025 година, ЕИБ инвестираше 20 милиони евра за унапредување на дигиталната трансформација на образовниот систем на Црна Гора и започна мапирање со UNOPS (Канцеларија на Обединетите нации за проектни услуги) за да се процени безбедноста, пристапноста и енергетските перформанси на повеќе од 800 училишта. Поддржано од средства на ЕУ, новото училиште „Владимир Назор“ во Подгорица, отворено минатата година, сега нуди најсовремени објекти за 1200 ученици.

Во Србија, ЕИБ издвои 157 милиони евра за надградба на главните клинички центри  во Белград, Крагуевац, Ниш и Нови Сад, подобрувајќи го капацитетот на здравствената заштита и пристапот до напредни медицински услуги. Дополнителен грант од ЕУ од 35,5 милиони евра ќе финансира нова канализациска мрежа во општина Палилула во Белград, подобрувајќи ја санитарната состојба за 86.000 жители и заштитата на животната средина. Во Босна и Херцеговина, ЕИБ продолжи да го поддржува проширувањето на Клиничкиот центар во Бања Лука.

Советодавството како клуч за отклучување на средствата и забрзување на имплементацијата

Во 2025 година, советодавниот оддел на ЕИБ, особено JASPERS, продолжи да ја поддржува дигиталната трансформација и одржливата поврзаност низ целиот регион. Експертите обезбедија техничка помош за 48 активни проекти и започнаа 20 нови задачи. Во рамките на програмата Зазеленување на финансиските системи , советодавната поддршка им помага на централните банки во Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина да развијат рамки за процена на ризик од климатски промени и зелени таксономии, овозможувајќи им на локалните банки подобро да ги насочуваат малите и средни претпријатија кон зелени инвестиции.

Во партнерство со Делегацијата на ЕУ и Стопанската комора на Северна Македонија, банката го лансираше првиот Водич за декарбонизација во земјата, бесплатна онлајн алатка што им помага на компаниите да ги мерат емисиите и да планираат патишта за декарбонизација. Покрај тоа, алатката заПроверката на зелената подобност сега е достапна за компаниите и комерцијалните банки низ целиот Западен Балкан, поедноставувајќи го процесот на процена дали инвестициите ги исполнуваат критериумите за финансирање на ЕИБ.

 Основни информации

За ЕИБ и ЕИБ Глобално

Европската инвестициска банка е институција за долгорочно кредитирање на Европската Унија во сопственост на нејзините земји-членки. Таа финансира инвестиции коишто придонесуваат кон целите на политиката на ЕУ. Проектите на ЕИБ ја зајакнуваат конкурентноста, поттикнуваат иновации, промовираат одржлив развој, ја подобруваат општествената и територијалната кохезија и поддржуваат праведна и брза транзиција кон климатска неутралност.

ЕИБ Глобално е специјализиран огранок на Групацијата ЕИБ посветен на зголемување на влијанието на меѓународните партнерства и развојните финансии и клучен партнер на Глобалната порта. Нашата цел е да поддржиме инвестиции во вредност од 100 милијарди евра до крајот на 2027 година, што е околу една третина од вкупната цел на оваа иницијатива на ЕУ. Во рамките на Тимот Европа, ЕИБ Глобално негува силни, фокусирани партнерства заедно со другите развојни финансиски институции и граѓанското општество. ЕИБ Глобално ја доближува Групацијата ЕИБ до локалните луѓе, компаниите и институциите преку нашите канцеларии ширум светот.

ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери во Западен Балкан. За детални информации за активностите на ЕИБ во овој регион, одете на www.eib.org/en/publications/the-eib-in-the-western-balkans.

За ЕИФ

Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) е дел од групацијата на Европската инвестициска банка. Неговата централна мисија е да ги поддржува микро, малите и средни бизниси во Европа помагајќи им да пристапат до финансии. ЕИФ дизајнира и развива капитал за вложување и раст, гаранции и микрофинансиски инструменти што конкретно го таргетираат овој сегмент на пазарот. Во оваа улога, ЕИФ ги поттикнува целите на ЕУ за поддршка на иновациите, истражувањето и развојот, претприемништвото, растот и вработувањето. За повеќе информации, погледнете на https://www.eif.org.

За детални информации за активностите на ЕИБ во регионот на Западен Балкан, посетете ја следнава веб-страница www.eib.org/publications/the-eib-in-the-western-balkans.

Contact

Reference

2026-042-MK