Search EN menu en EIB GROUP CLIENT PORTAL
Search
Results
Top 5 search results See all results Advanced search
Top searches
Most visited pages
EIB
  • Потпретседателот на ЕИБ, Роберт де Грот, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски се согласија да ја унапредат стратешката соработка и потпишаа Договор со земјата домаќин за подобрување на соработката
  • Од 1991 година, ЕИБ инвестираше 1,6 милијарди евра за поддршка на виталната економска инфраструктура, општините и македонските бизниси
  • Развојниот огранок на Банката на ЕУ (ЕИБ Глобално) очекува да ја прошири својата поддршка за здравствена заштита и образование, а воедно да ја зголеми и техничката помош

За време на неговата посета на Северна Македонија, потпретседателот на ЕИБ, Роберт де Грот, се сретна со премиерот Христијан Мицкоски и потпиша Договор со земјата домаќин со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, што претставува важна пресвртница во зајакнувањето на поддршката за економскиот раст на земјата и интеграцијата во ЕУ.

Како Банка на ЕУ, ЕИБ инвестираше 1,6 милијарди евра во Северна Македонија во одржливи проекти, што доведе до подобри услови за водоснабдување и јавна хигиена, модерни транспортни врски, посилни бизниси и подобрена енергетска безбедност. Новиот договор ќе ѝ овозможи на ЕИБ да ја зајакне оваа соработка, максимирајќи ја финансиската и техничката поддршка во други клучни области, како што се здравството и образованието.

„Овој договор го зајакнува нашето партнерство и ги потврдува нашите заеднички цели – поддршка на патот на Северна Македонија кон интеграција во ЕУ, подобрена регионална поврзаност и зелена транзиција“, рече потпретседателот Де Грот на церемонијата на потпишување во Скопје. „Одржливите инвестиции се од витално значење за градење отпорна економија, подготвена за иднината, која може да се натпреварува низ цела ЕУ и глобално“.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави: “„Од денес, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании – давајќи им поддршка за реализација на нивните развојни инвестиции и проекти. Поблиското присуство на ЕИБ претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија – отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст."

ЕУ активно ја поддржува земјата во неколку клучни области како дел од нејзините пошироки напори за олеснување на интеграцијата на земјата во ЕУ и одржливиот развој.

„Како кредиторски огранок на ЕУ, ЕИБ игра клучна улога во преведувањето на посветеноста на ЕУ кон интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ во конкретни проекти“, рече амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас. „Заедно, во рамките на пристапот Тим Европа, инвестираме во трансформацијата на земјата – поддржувајќи одржлив и инклузивен раст, модерна инфраструктура и подобар животен стандард за сите граѓани“, истакна тој.

За време на посетата на Северна Македонија, потпретседателот Де Грот се сретна и со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска и претставници на Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ) за да разговараат за можностите за зголемување на финансиската и техничката поддршка за земјата.

Во 2025 година, ЕИБ Глобално се здружи со Стопанската комора на Северна Македонија за да го лансира онлајн Водичот за декарбонизација и соработува со локалните банки за зајакнување на практиките за справување со климатските ризици. Во соработка со Развојната банка, им беа обезбедени 650 милиони евра финансирање на 920 компании од 2019 година, со што се одржаа над 61.000 работни места и се создадоа околу 2.000 нови.

Основни информации

За ЕИБ и ЕИБ Глобално

ЕИБ е институција за долгорочно финансирање на Европската Унија, во сопственост на нејзините земји членки. Таа овозможува долгорочно финансирање за здрави инвестиции со цел да се придонесе кон целите на политиките на ЕУ. ЕИБ поддржува проекти во четири приоритетни области: инфраструктура, иновации, клима и животна средина, како и мали и средни претпријатија (МСП). ЕИБ Глобално е специјализиран огранок на Групацијата ЕИБ посветен на зголемување на влијанието на меѓународните партнерства и развојните финансии и е клучен партнер на Глобална порта. Нашата цел е да поддржиме инвестиции во вредност од 100 милијарди евра до крајот на 2027 година, што е околу една третина од вкупната цел на оваа иницијатива на ЕУ. Во рамките на Тимот Европа, ЕИБ Глобално негува силни, фокусирани партнерства заедно со другите развојни финансиски институции и граѓанското општество. ЕИБ Глобално ја доближува Групацијата ЕИБ до локалните луѓе, компаниите и институциите преку нашите канцеларии ширум светот.

За ЕИБ Глобално во Северна Македонија

ЕИБ Глобално е активна во Северна Македонија од основањето во 1991 година, обезбедувајќи финансии за поддршка на клучните инфраструктурни проекти, локалните власти, како и малите бизниси. ЕИБ обезбеди 1,6 милијарди евра за финансирање на мали бизниси и проекти за транспорт, енергетика и комунална инфраструктура. Таа ја става на располагање својата техничка и финансиска експертиза на своите локални партнери преку приспособени совети и техничка помош. За повеќе информации во врска со проектите на ЕИБ во Северна Македонија, одете на Северна Македонија и ЕИБ.

ЕИБ Глобално е еден од водечките меѓународни финансиери во Западен Балкан. За детални информации за нашите активности во овој регион, одете на www.eib.org/en/publications/the-eib-in-the-western-balkans.

Contact

Reference

2025-451-MK