Suche starten DE menü Kundenportal der EIB-Gruppe
Suche starten
Ergebnisse
Top-5-Suchergebnisse Alle Ergebnisse anzeigen Erweiterte Suche
Häufigste Suchbegriffe
Meistbesuchte Seiten

Паметни фабрики и почиста иднина

Компаниите од Северна Македонија инвестираат во нова технологија за да ги намалат емисиите и да останат конкурентни на пазарите на ЕУ

Во 2010 година, Наташа Јовческа се врати во Охрид, град на списокот на светското наследство на УНЕСКО, на брегот на прекрасно езеро. Таа неколку години работеше во Скопје, Северна Македонија, како финансиски ревизор, но беше време да се врати дома.

Се придружи на ЛТХ Леарница како финансиски директор и полека почна да го надгледува производството. Локалната компанија произведува алуминиумски компоненти за автомобили, како што се моторни блокови, глави на цилиндри и куќишта за менувачи. Сега е генерален директор во клучен момент за компанијата.

„Автомобилската индустрија се соочува со значајни предизвици, како што се технологија што брзо се менува и притисокот за усвојување на променливите глобални регулативи“, вели таа

Основана во 2005 година, Леарница има повеќе од 500 вработени. Производството на алуминиумски одливци бара многу енергија и работна сила. Јовческа и нејзиниот тим го автоматизираат производството. Компанијата купи нови машини за леење за помасовно производство на моторни блокови и други компоненти, подобрувајќи ја продуктивноста, а истовремено користејќи помалку електрична енергија, бидејќи новите машини користат енергија само кога е потребно.

Наташа Јовческа во фабриката ЛТХ Леарница во Охрид.
Promovens

„Успеавме да трансформираме три работни станици и три одделни машини во еден роботски автоматизиран работен центар“, вели Јовческа. Едно лице може да управува со автоматизираниот центар, значително подобрувајќи ги условите за работа на вработените. „Овој подобрен процес на производство доведе до повисок квалитет на производите и забрзано производство“.

Европската инвестициска банка ѝ одобри на Леарница заем од 1,5 милиони евра во 2024 година преку НЛБ Банка Скопјe за финансирање на новите машини и други подобрувања.

Новите машини на ЛТХ Леарница штедат енергија и работна сила.
Promovens

„Им олеснуваме на бизнисите да растат, да ги следат новите технологии и стандарди и да останат конкурентни“, вели Бјорн Габриел, раководител на канцеларијата на ЕИБ во Северна Македонија.

Поддршка на бизнисот за време на енергетската криза

Финансирањето на Леарница е дел од заем од 100 милиони евра што Европската инвестициска банка ѝ го обезбеди на Северна Македонија во 2023 година за поддршка на бизнисите по кризата со COVID-19 и енергетската криза. Дел од тие пари се наменети за поддршка на програма за зелено финансирање којашто им помага на 120 мали и средни бизниси да спроведат 150 проекти за енергетска ефикасност и обновлива енергија. Овие проекти помогнаа да се создадат или одржат повеќе од 1.000 работни места низ цела Северна Македонија.

Согласно програмата, Развојната банка на Северна Македонија дава кредити на локалните банки, а тие нудат мали кредити на производители на автомобилски делови, фирми за управување со отпад, производители на храна и многу други бизниси за да им помогнат да ги намалат емисиите, да ја подобрат енергетската ефикасност и да се адаптираат на климатските промени.

„Овозможувајќи им на малите компании да инвестираат во почисти технологии и процеси, ги поттикнуваме иновациите и се приближуваме кон отпорна економија со ниски емисии на јаглерод“, вели Александар Станојковски, раководител на одделот за кредитирање во Развојната банка на Северна Македонија.

Приспособување на новите такси за емисии

Леарница е дел од LTH Castings Group, словенечка компанија што е еден од водечките европски добавувачи за автомобилската индустрија, со клиенти како што се Mercedes-Benz, Bosch, BMW и Continental. Леарница и други компании во Западен Балкан се подготвуваат за новите такси на ЕУ за емисии на јаглерод, познати како Механизам за приспособување на границите на јаглеродот, што ќе започнат во 2026 година.

Механизмот е нова алатка што одредува цена на јаглерод за стоките увезени во Европската Унија. Целта на ЕУ е да биде јаглеродно неутрална до 2050 година. Северна Македонија не е дел од Европската Унија, но нејзините производи се користат во стоките од ЕУ и ќе бидат вклучени во оваа нова јаглеродна такса. Фирмите од ЕУ мора да ги следат и пријавуваат емисиите што ги создаваат нивните производи во и надвор од Европската Унија. Од јануари 2026 година, производителите од ЕУ ќе треба да купуваат сертификати за покривање на овие емисии.

„Постигнувањето јаглеродна неутралност е една од нашите основни стратешки цели“, вели Јовческа. „Ја вградивме оваа цел во секоја инвестиција и подобрување направено во нашите производствени процеси во текот на изминатите десет години.“

Леарница се наоѓа во Охрид, град познат по своето богато културно наследство. Градот се наоѓа на брегот на Охридското Езеро, едно од најдлабоките и најстарите езера во Европа, коешто е дом на уникатен воден екосистем којшто опфаќа многу видови што се многу чувствителни на загадувањето и климатските промени.

„Сакавме да го намалиме негативното влијание што една индустрија како нашата може да го има врз животната средина, особено имајќи ја предвид важноста на Охрид за Македонците“, вели Јовческа.

За да го ограничи своето влијание врз животната средина, Леарница користи „зелен“ алуминиум направен од рециклирани материјали, за чие производство е потребно 95 % помалку енергија од алуминиумот направен од примарни суровини. Компанијата, исто така, воведе неколку други зелени иницијативи, како што се производство на топлина од печките за топење, инсталирање соларни панели за производство на електрична енергија и развој на систем за ладење со вода што ја прочистува и рециклира водата што се користи во процесот на производство.

Побезбедно рециклирање

Отпад Охрид, семејна компанија за управување со отпад основана пред повеќе од 20 години, искористи заем од 600.000 евра обезбеден во рамките на програмата за зелено финансирање на ЕИБ за подобрување на собирањето и сортирањето на отпадот. Компанијата купи две машини што го одделуваат металот од ѓубрето, што го подобрува рециклирањето. Дробилките ги одделуваат железните материјали, комерцијалниот и индустрискиот отпад, како и автомобилските и лесните отпадни метали.

Фамилијата Џуклески во нивната компанија за рециклирање во Охрид.
Promovens

„Овие машини го трансформираа нашиот работен тек“, вели менаџерот на компанијата, Мартин Џуклески, чиј дедо ја основал компанијата. „Вработените сега работат во побезбеден и поефикасен работен простор, благодарение на помалата потреба од тешка физичка работа. Нашите методи на преработка сега се поодржливи, со помалку произведен отпад и поголем процент на материјали што се правилно рециклирани и пренаменети.“

Новите машини обработуваат автомобил за рециклирање во Охрид.
Promovens

Новите машини исто така трошат помалку енергија со приспособување на силата на дробење во зависност од материјалот.

„Тие сортираат повеќе ѓубре за шест часа отколку постарите машини за една недела“, вели Џуклески.

Напорите на компанијата доаѓаат во клучен момент. Северна Македонија има проблеми со нелегалните депонии бидејќи нема соодветни системи за собирање и рециклирање отпад.

Автоматизирање на производството на храна

Витаминка, компанија во Прилеп, којашто произведува кондиторски производи, масло за јадење, пијалаци, сосови и други прехранбени производи, искористи заем од 1,65 милиони евра од програмата за зелено финансирање за да монтира соларни панели на покривот на фабриката и да ги автоматизира машините за пакување.

„Новите машини го забрзаа производството и ги подобрија условите за работа со намалување на повторливата рачна работа“, вели Иван Стрезоски, финансиски менаџер на компанијата.

Иван Стрезоски, финансиски менаџер на Витаминка
Promovens

Сончевите панели произведуваат доволно електрична енергија за да покријат околу 35 % од потребите на компанијата, значително намалувајќи ја употребата од фосилни горива. Земјоделството и производството на храна сочинуваат една четвртина од глобалните емисии на стакленички гасови. Намалувањето на потрошувачката на енергија помага во намалувањето на емисиите и трошоците.

Витаминка, која е основана пред 70 години за производство на мелена црвена пиперка, извезува 45 % од своите производи во околу 30 земји. Компанијата има сложени системи што обезбедуваат квалитет и безбедност. Овие системи ѝ помагаат да ги исполни строгите правила на ЕУ и другите стандарди.

„Усогласеноста со најновите европски и меѓународни општествени и еколошки стандарди ни помага да го одржиме пристапот до важните извозни пазари“, вели Стрезоски.